Пребарај го сајтот:

КТИ_Проект 2007/8: „Канцеларија на Македонска горанска заедница во Драгаш на Косово“ 

По своевидните колебања на планот на сопствениот идентитет, од почетокот на 2007 година група ентузијасти презеде чекори за регистрација на невладино здружение на Косово кое јасно ќе ја декларира својата определба дека етнички се чувствуваат како дел од македонскиот народ, независно од нивната верска определба. Подготвија извонредни Статут и Програма и тоа тројазично - на македонски, албански и на англиски јазик и успешно ја зазвршија постапката за регистрација на крајот од месец октомври. Едновремено, ги обновија барањата за првична помош како би заживеела нивната организација, односно започнале со активности.
Имајќи предвид дека активностите на „Канцеларијата на Македонска горанска заедница во Драгаш на Косово“ се насочени кон културна и социјална интеграција на Македонците Горани на Косово, а едновремено преку проектни активности и манифестации од областа на културата, образованието и информирањето потикнување на процесот етничко/национално изјаснување со што би се развила „жива врска“ со татковината - Македонија, оценка на КТИ е дека заслужуваат максимална помош.



КТИ_Проект 2007/9: “Подготовки за Четвртата светска средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија“

Проектот би се реализирал паралелно во Торонто и Скопје. Истражување во Торонто, но и пошироко Канада, би се фокусирало на обезбедување архивски фотографии и филмови, експертски и други филмски документарни продукции, како и искажувања на децата-бегалци кои претежно преку Полска, Чешка и Унгарија, го завршиле своето патешествие во САД и Канада, и каде создале бројна заедница.
Активностите во Скопје и Македонија би се насочиле кон колектирање на документарните филмови и посебно оние каде се користат оригинални снимки од евакуирањето на децата бегалци снимено 1948 година, потоа разни снимени материјали од претходните средби, како и собирање искази на некои учесници на овие средби.


КТИ_Проект 2007/10: „Училишна соработка на Заедницата на Хрватите во Македонија и Заедницата на Македонците во Хрватска“

Активностите се насочени кон размена на искуства, манифестации на полето на детското творештво (ликовно и литературно), спортот, како и презентирање на културните, јазичните и духовните особености на Заедницата на Хрватите во Македонија и на Заедницата на Македонците во Хрватска.
Тргнувајќи од развојните процеси предвидени со веќе потпишаната Спогодба за заштита на македонското национално малцинство во Република Хрватска и на хрватското национално малцинство во Република Македонија целта на посочената училишна соработка е натамошно продлабочување и проширување на традиционалното пријателство меѓу младата популација од двете земји.

(Состојба: 01.01.2008 г.)