Пребарај го сајтот:

09-19 август КТИ_Проект 2007/7 - Летен камп “Секоја ластовичка кон своето јато“

Осмислено привлекување на помладите генерации од дијаспората преку летен камп каде се организираше интерактивна и настава по моделот „игра“, со тематски курс од областа на човековите права, но на македонски јазик. Проектот беше реализиран од 09-13 август 2007 год., во Дојран и од 13-19 август во Маврово. Во работата на кампот учествуваа 21 ученик (на возраст од 11 до 16 години) од основни училишта во седум држави (Германија, Швајцарија, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и Бугарија) и тројца наставници кои изведуваат дополнителна настава во земјите на дијаспората.
Реализацијата на проектните цели, како на планот на осмисленото привлекување на најмладата популација од МНМ во соседните земји и пошироко од дијаспората и нивното (за)познавање на татковината, така и на планот на поттикнување на нивното меѓусебно зближување и поврзување, може да се оцени со највисоки оценки. Применетите методи овозможија со леснотија да се апсорбираат содржините од областите на историјата, географијата, културата, обичаите и традицијата на татковината, но и на македонскиот јазик.
Страничен, но не помалку важен, резултат е непосредното вклучување на наставници ангажирани за дополнителна настава во странство. Потенцијата тие да ги пренесат и вградат стекнатите искуства во нивната тековна работа со паралелките во дијаспората, даваат надеж дека со тоа би се постигнал ефектот на „концентрични кругови“.
Сепак, можеби најважно е сознанието дека најмладата генерација на нашата дијаспора се соочува со „пренесена психологија“, значи за својата татковина имаат само апстрактна перцепција создадена од раскажувањата на своите родители или постари. Осмислениот и организиран престој во Македонија им овозможува да го изградат тоа како сопствено, висококвалитетно чувство, па оттука и оценката дека овие облици на изградба на жива врска со татковината треба приоритетно да бидат насочени кон младата популација. 



02-09 септември КТИ_Проект 2007/3 - Фудбалски турнир на дијаспората “Корени 2007“

Турнирот во мал фудбал се одржа од 02 до 09 септември во Дојран, како дел од манифестациите за одбележување на Денот на независноста на Република Македонија. Со проектот беа опфатени десет екипи со 86 натпреварувачи од Австралија, Австрија, Италија, Романија, Бугарија, Словенија, БиХ, Хрватска, Србија и Гора на Косово. Основната идеја за спроведување на оваа спортска манифестација беше насочување кон потребата за создавање наменска причина за контакт и престој во Македонија. Во овој случај, тоа беше поголем број фудбалски тимови од дијаспората, кои дејствуваат во рамките на разни здруженија и асоцијации.
Постигнатите резултати ја наметнаа потребата за прераснување на турнирот во традиционален, за што МНР-ДзД, проектот го вклучи во својот стратешки план за 2007-2010 год. Престојот на учесниците, чија насока беше остварување ефективна врска со својата татковина, едновремено резултираше како нивно меѓусебно поврзување.


28.09-02.11 КТИ_Проект 2007/6 - Македонско драмско катче - Торонто

Четири актери од Драмскиот театар престојуваа во Торонто – Канада и ја изведоа театарската престава „Како да го убиеш својот сопруг“. Проектот преставува поддршка на недоволно застапените уметнички форми, а е во функција на нивно приближување кон постарата македонска дијаспора, одн. ублажување на последиците од оддалечувањето на поновите генерации дијаспора. Со цел да се реализира нашето спонзорство, побаравме и беше реализирано регистрирање невладина организација токму под ова име.
Согледувајќи ги постигнатите резултати на „Драмското катче“, би било добро доколку Министерството за култура оствари континуитет во дејствувањето, посебно што на располагање ни стои очигледно способна невладина организација од редот на нашата дијаспора. КТИ, под таков услов, би можело овој вид културно претставување да го продолжи во периодот 2008 – 2010 год. со географско ротирање со цел да се иницираат вакви активности во Европа, а евентуално и Австралија.


13-16 октомври КТИ_Проект 2007/5 - Македонски филмски
фестивал – Торонто


Во рамките на Меѓународниот филмски фестивал (на кој зедоа учество претставници од Канада, САД, Словенија, Франција, Белгија и Австралија), во Инис Колеџот на Универзитетот во Торонто, од 13 до 14 октомври о.г. се одржа Македонскиот филмски фестивал, на кој беа прикажани 13 филмски остварувања од постари и современи македонски уметници. Направениот избор на филмови (6 долгометражни, 5 документарни и 2 краткометражни филма), од страна на организаторот со тематика за Македонија или Македонците, предизвика позитивни реакции и коментари кај публиката (над 350 посетители) од втората и третата генерација иселеници од Република Македонија, но и од редот на Канаѓаните. Во координација со Амбасадата во Отава, во скратена форма беше реализирана проекција за дипломатскиот кор на 16 октомври.
За разлика од „Катчето“, „Фестивалот“ овозможува да се развива интегративната функција, одн. да се презентира македонската пред канадската заедница преку современите културни форми и, на тој начин, да се развива поголем степен на меѓусебно разбирање. Едновремено, се развива и поголем степен на запознаеност со Македонија.


Март-Декември КТИ_Проект 2007/1 - Прирачник „Мојата татковина – МАКЕДОНИЈА“

Овој Проект опфати изработка на публикација насловена како “Мојата татковина МАКЕДОНИЈА“, вид учебно помагало за дополнителна настава на и по македонски јазик во дијаспората. На овој начин се реализира примарниот приоритет за “пополнување празнина“ создадена со тоа што повеќе од 20 години останал непроменет концептот за дополнителна настава на македонски јазик во земјите на дијаспората, а што ги принудило и наставниците и македонските заедници каде се реализира таква настава - да импровизираат и крајно несистематично да ги следат исклучително длабоките промени во Македонија.
Во реализацијата на проектот учествуваа Бирото за развој на образованието (кое ја изготви) и Министерството за образование и наука, кое ја одобри Наставната програма со која се опфатени четири области: македонски јазик, музика, географија и историја на македонскиот народ.
Имајќи ја предвид обемноста на зафатот, КТИ одлучи првите три области да ги опфати со својата програма за 2007 година и оттука публикацијата е насловена и како КНИГА ПРВА.
Делот за историјата би се реализирал во 2008 година од повеќе причини. Бирото веќе подготвува наставна програма за историјата за заедниците во Македонија, а од друга страна, извесно е дека заслужува да се направи напор да се опфати и историскиот развој на определен број македонски заедници во дијаспората, барем како почетен чекор. Оттука, КТИ планира, имајќи го предвид исклучително силниот тренд во Европа на тнр. „метода на заедничко пишување на историјата“, да ги спои во она што би била „Мојата татковина - Македонија КНИГА ВТОРА“.


Март-Декември КТИ_Проект 2007/2 - Прирачник-Информатор „Инвестирање во македонски извозни капацитети“

Прилагодување на двата супер-приоритети на Владата (инвестман, извоз) преку изработка на практичен прирачник, наменет за потребите на македонските бизнисмени во дијаспората и нивно поттикнување во функција на создавање клима поволна за извоз на македонски производи преку тнр. “мешовити“ зделки и слични економски инструменти. Во Информаторот се содржани основните законски одредби и најчесто поставувани прашања од сферата на инвестициите.
Се работи за „отворен“ документ што значи дека очекуваме да биде тестиран во практика и да бидеме известени за сите прашања што ќе се отворат со неговата употреба или со примената на советите и постапките содржани во „Информаторот“. КТИ планира сите такви прашања или да се соберат и одговорат во посебна публикација или да се надогради „Информаторот“ во онаа насока што ќе произлезе од тие коментари, сугестии, мислења.


Март-Декември КТИ_Проект 2007/4 - Весник „Преспа“

Засилување во функција на воспоставување одрживи основи за натамошно самостојно дејствување преку финансиска стимулација за издавање на весникот на Заедницата на Македонците во Република Албанија “ПРЕСПА“. Принципот на двојниот субјективитет е запазен со подигање на соработката со македонскиот дневен весник „Дневник“, кој и го објавува и поставува весникот „Преспа“ во Pdf формат на својот Веб-сајт.
Покрај тоа, КТИ обезбеди информатичка опрема за уредувачкиот одбор на весникот со што во голема мера се подобрија условите за изготвување на ова гласило.
Имајќи ја предвид полезноста од спроведениот проект, интенција за 2008 година е примена на „географска ротација“ преку поддршка на весникот на МНМ во Бугарија „Пирински глас“, а понатаму и иницирање заедничко гласило на МНМ.

(Состојба: 31.12.2007 г.)