Пребарај го сајтот:

КООРДИНАТИВНОТО ТЕЛО ЗА ИСЕЛЕНИШТВО И ДИЈАСПОРАТА

Раководена од своите стратешки определби за спроведување на својот долгорочен стратешки настап и развој на комуникацијата и соработката со иселениците од Република Македонија во прекуокеанските и европските земји, како и Македонското национално малцинство, Владата на Република Македонија со својот Заклучок бр. 19-2990/1 од 04.08.2005 година го определи Министерството за надворешни работи (МНР) за координатор на активностите на сите државни субјекти кои остваруваат соработка и комуникација со иселеништвото од Македонија и со нивните организации. Во таа функција, го задолжи МНР да формира Координативно тело за иселеништво (КТИ) (за членовите - в. Состав на КТИ) во функција на спроведување на државната политика спрема дијаспората по пат на (ко)финансирање конкретни програми и проекти, согласно интересите и потребите на самата дијаспора, но и на националните и државни интереси на Република Македонија.

Врз основа на предлог во рамките на буџетската постапка преземена во текот на 2006 година, Владата и Собранието на Република Македонија одобрија седум милиони денари како строго наменски средства за проектни активности на КТИ во 2007 година. Со тоа, 2007 година е ПРВА буџетска година во која, покрај редовните или индивидуалните проекти на секој од државните субјекти задолжени за настап и соработка со иселеништвото, беа реализирани и проекти со кои се разрешува тнр. „судир на надлежности“ на министерствата. Или, поинаку кажано, во услови кога за определен проект постои интерес како на страна на дијаспората така и на страна на Република Македонија, но не е извесно или има разлики во мислењата кое министерство е надлежно, односно материјата е интерресорска, преку КТИ се врши усогласување на ставовите и реализација на таквиот проект. На тој начин, овој вид проекти се само комплементарни со проектите каде надлежноста е јасна и кои министерствата ги реализираат претежно или главно индивидуално.

Во својата работа, а со цел што подоследно да се реализираат зацртаните цели, КТИ воспостави повеќе критериуми за избор на проект што би се реализирал или би бил финансиски поддржан. Покрај критериумот за интерресорскиот карактер на проектната содржина, кај тнр. „варијабилни проекти“ клучен е критериумот за двоен субјективитет, односно неопходно е предвидените активности да се реалзираат како заедничко делување на најмалку еден субјект во дијаспората (по можност регистрирана невладина или сроден вид непрофитна организација) и најмалку еден субјект регистриран во Република Македонија. (Поблиску - в. Постапка за апликација)
Проектна определба на КТИ е напуштање на досегашните стереотипи на дејствување спрема дијаспората и изнаоѓање нови форми на пристап, кои ќе овозможат поттикнување на интересот на оваа категорија граѓани за својата татковина или земјата на своето потекло и развивање тнр. „ефективна“ или жива врска со Македонија.

Посебен акцент КТИ става на младата популација не само со цел спречување на евентуалното губење на врската со Македонија туку пред се’ со цел да ја „откријат“, запознаат и засакаат уште посилно татковината на своите родители врз основа на сопствени, автентични искуства и впечатоци.